Како да вршите електронска продажба преку eBay

Преку eBay можете да вршите многу нешта, а не само да купувате. Исто така, можете да ја користите eBay за да продавате предмети, како на пример, предмети што повеќе не ви требаат.

Зошто да продавате преку eBay?

И покрај тоа што би можеле да организирате продажба во вашата гаража или двор за да продадете предмети што повеќе не ви требаат, постои веројатност дека бројот на купувачи во вашата област е ограничен. Со eBay можете да понудите предмети за продажба на целата територија на Австралија, па дури и меѓународно. eBay ви помага да го привлечете вниманието на илјадници потенцијални купувачи на предметите што сакате да ги продадете.

Дополнително, eBay има добро дефинирани и одамна воспоставени правила наменети да ве заштитат вас како продавач и секого што купува од вас.

Електронска продажба преку eBay

Создавање сметка на eBay

Пред да можете да продавате предмети на eBay, треба да поставите сметка. Ако досега сте купиле нешто преку eBay, тогаш веќе имате сметка. Ако не, следете ги следните чекори за да ја создадете:

  1. Во веб-прегледувачот одете на ebay.com.au.
  2. Кликнете на Регистрирај се (register) во близина на горниот лев агол на екранот.
  3. На страницата Создај сметка (Create an Account) најпрво внесете име и презиме, адреса на е-пошта и силна лозинка.
  4. Кликнете на Создај сметка (Create an Account).

Ќе бидете вратени на почетната страницата на eBay и ќе се најавите на вашата сметка на eBay, подготвени да почнете да продавате.

Како можам да поставам нешто за продажба на eBay?

Продавањето преку eBay може да биде полесно отколку што мислите. Штом ќе ја создадете сметката на eBay, едноставно следете ги овие чекори:

  1. Одлучете која ќе биде продажната цена. Можете да пребарате слични предмети на eBay, за да добиете претстава за колку пари другите продавачи продаваат слични предмети.
  2. Сликајте го предметот (предметите). Сликите треба јасно да ја покажуваат состојбата на предметот.
  3. Кликнете на Продај (Sell) што се наоѓа во горниот десен дел на почетната страницата на eBay. Следете ги упатствата. eBay може да ви помогне со деталите на предметот доколку постои запис за продажба на слични предмети.
  4. Внимавајте на полето Одредување цена (Pricing). Тука ќе решите дали сакате да го ставите предметот на аукција (наддавање) или да ставите цена за Купи сега (Buy it Now). Исто така, тука можете да поставите Почетна понуда (Starting bid) за аукција.
  5. Во полето Одредување цена (Pricing) можете исто така да ја изберете опцијата Дозволи понуди (Allow Offers). Ако го направите тоа, вашиот оглас за продажба ќе покажува дека ќе земате во обзир понуди. Но, не морате да ги прифаќате понудите, или можете да дадете противпонуда.
  6. Ако не избравте аукција, можете да ги измените стандардните седум дена на времетраење на огласот на пократко време.
  7. Изберете опција за поштарина. eBay ќе ви помогне да ја пресметате поштарината или испораката.
  8. Ако не сте го направиле ова претходно, eBay ќе ви ги побара банкарските детали за да можете да ги добиете парите за предметите што сте ги продале. Следете ги чекорите, и штом ќе поставите сѐ, купувачите ќе можат да ѝ платат на eBay за вашите предмети, а потоа eBay ќе ви ги депонира средствата на банкарската сметка што сте ја одредиле.
  9. Штом вашиот предмет ќе се објави, ќе можете да добивате прашања од купувачите преку системот на eBay. Бидете подготвени да одговарате брзо на прашањата за производот.
Обезбедете дека лозинката на eBay е силна и дека не ја употребувате на сметка на друга веб-страница. Силната лозинка има барем осум знака и претставува мешавина од букви, бројки и големи букви.

Совети за добра продажба

Можете да помогнете да се максимизира вашата шанса за задоволувачка продажба следејќи ги овие едноставни совети:

  • бидете реални кога ја одредувате цената, проверете ја цената на слични предмети што се продаваат,
  • опишете го точно предметот, објавете јасни фотографии, вклучувајќи какво било оштетување или абење. Така ќе избегнете поплаки подоцна.
  • најчесто е најдобро да изберете аукција како начин на продажба.
  • во Почетна понуда (Starting bid) секогаш ставајте цена за која нема да зажалите, ако на крај го продадете предметот по таа цена.
  • ако вашиот предмет не се продаде, едноставно огласете го повторно. Можеби потенцијалниот купувач не го видел предметот во тие неколку дена, но ќе го види наскоро. eBay има опција за Лесно одредување цена (Easy pricing) за да го огласите повторно вашиот предмет ако не успеете да го продадете. Но, ова ја намалува почетната понуда за 5%.

Што да правам откако некој ќе се обврзе да купи?

Кога некој понудил највисока понуда за предметот што го продавате:

  • мора да го продадете. Склучивте обврзувачки договор со eBay да го направите тоа и не смеете да решите да не го продадете ако сте се предомислиле, или пак ако не сте задоволни со крајниот резултат.
  • не треба да го пратите предметот сè додека купувачот не ви плати.
  • ако продажбата беше Купи сега (Buy It Now), купувачот веќе ви платил. Кога се работи за аукција, купувачот има четири дена да плати.
  • морате да го пратите предметот што е можно побргу откако купувачот платил. Ако не го сторите тоа, може да добиете лоша оцена на eBay и луѓето ќе се двоумат да склучуваат зделки со вас.
  • внесете повратни информации за вашиот купувач. eBay ќе му побара на купувачот да го стори истото за вас. На овој начин го градите вашиот углед на eBay.

Што ќе се случи ако се јави спор меѓу мене и купувачот?

Правилата на eBay се јасни и добро дефинирани за да ги спречат повеќето спорови, но понекогаш тие сепак се јавуваат.

  • Ако купувачот не ви плати, можете да пратите порака за потсетување. Не мора да го пратите предметот, и по неколку дена, ако сѐ уште не ви платиле, eBay ќе ве извести дека можете да ја откажете продажбата и да го огласите повторно предметот за продажба.
  • Ако гледате дека испораката на предметот ќе се задоцни, известете го веднаш купувачот преку eBay. Запомнете, купувачот може да го оцени неговото задоволство со продажбата.
  • Ако постојат проблеми што не можете да ги решите со купувачот преку отворен контакт преку системот на eBay, тогаш можете да ги решите нештата преку Центарот за решенија (Resolution Centre) на eBay.
  • eBay има Гаранција за враќање пари (Money Back Guarantee) за купувачите ако не го добијат предметот што го купиле од вас, ако тој не се совпаѓа со описот или ако се оштетил при транспортот. Можете да очекувате eBay да бара од вас отштета ако Центарот за решенија (Resolution Centre) одлучи дека не сте во право.
Користете ја услугата за размена на пораки на Центарот за решенија за да решавате спорови. Не стапувајте во директен контакт со купувачот преку телефон, е-пошта или лично, и не давајте ги вашите лични податоци, како што се адреса, е-пошта или телефонски број.